Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Два силни натпревари во спортско моделарство во Прилеп, забележителен настап на охридските аеромоделари на Светското јуниорско првенство

Прилеп/Охрид, 19. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Воздухопловниот Спортски Клуб „Фил Феникс“ од Прилеп, во периодот од 3-ти до 10-ти август на прилагодениот спортски терен кај селото Веселчани, се одржаа двата натпревари во воздухопловно спортско моделарство, во категорија на модели за слободен лет (едрилици, модели со погон на гумен мотор и модели со погон на клипен мотор).

На Светското првенство во три категории учествуваа 104 натпреварувачи од 16 држави, од кои покрај Македонија присутни беа САД, Кина, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка Република, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Полска, Романија, Словачка, Шведска и Украина, јави порталот markukule.mk.

Редовниот дел од Светското првенство се реализираше во периодот од 07:00 до 15:35 часот, кога натпреварувачите во 7 турнуси, секој во траење од по еден час, реализираа седум натпреварувачки летови, а во периодот од 18:30 па се’ до стемнување се одвиваа полуфиналните и финални летови после кои беа добиени победниците.

Оваа година успешната организацијата дополнително ја овозможија и поволните метеоролошки услови, умерениот ветер и погодноста на теренот на кој се одржуваа натпреварите. На светското првенство македонската репрезентација ја сочинуваа претставници од два македонски воздухопловни клубови.

Ф1А (едрилици) – членови на Воздухопловен Клуб „Фил Феникс“ Прилеп

1 Лука Најдоски – натпреварувач
2 Михаил Пожарски – натпреварувач
3 Дино Најдоски – натпреварувач
4 Дарко Пожарски – тим менаџер
5 Станислав Најдоски – асистент ТМ

Ф1Б (модели со погон на гумен мотор) членови на Аеро Клуб „Охрид“ Охрид

1 Петар Цветановски – натпреварувач
2 Климент Масин – асистент ТМ
3 Митко Цветаноски – асистент ТМ

Во категорија едрилици во исклучително висока конкуренција Лука Најдоски го освои четиринаесеттото место од 49 натпреварувачи што претставува солиден пласман. Еден лет пресуди тој да не биде дел од финалистите. Вториот член, малиот Михаил Пожарски го имаше својот прв настап за репрезентацијата, кој што со сеуште незалечена повреда на стапалото, со голем напор успеа да ги реализира сите летови по што го освои 28 место. Третиот член, младиот Дино Најдоски кој исто така првпат настапување за репрезентацијата успеа да ги резлизира сите летови и се пласира на 45 место. Постигнатиот висок резултат на Лука Најдоски и придонесот на Михаил и Дино овозможија младата македонска репрезентација во едрилици да оствари одличен пласман освојувајќи го 8-то место во екипен пласман од вкупно 16 учесници, оставајќи зад себе голем број квалитетни и силни репрезентации.

Во категорија модели со гумен мотор репрезентативецот Петар Цветановски настапи како поединец. По реализацијата на сите седум летови со максимално времетраење тој се пласира во полуфиналето, по што го освои одличното 10 место во конкуренција од 38 натпреварувачи. (Крај)

извор: markukule.mk фото: markukule.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука