Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети апостол Матиј

Охрид, 22. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат денот посветен на Свети апостол Матиј.

Родум од Витлеем, од племето Јудино. Му беше ученик на свети Симеон Богопримец во Јерусалим. Кога Господ излезе да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружи на оние што Го љубеа Господa, зашто и самиот од сесрце Го љубеше, со сладост ги слушаше Неговите зборови и ги гледаше Неговите дела. Во почетокот Матиј беше приброен кон седумдесетте Христови апостоли, но по воскресението на Господа, бидејќи местото на Јуда кој Го предаде беше испразнето, апостолите со ждрепка го избраа Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23).

Откако Го прими Светиот Дух на Педесетница, Матиј појде на проповед на Евангелието и проповедаше најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде претрпе големи маки за Христа. Се смета дека проповедал и во Македонија, каде сакале да го ослепат, но тој станал невидлив за своите мачители и така ја избегнал опасноста. Кога се најде вo затвор, му се јави Господ, го укрепи и го ослободи. Најпосле повторно се врати на работа во Јудеја. Овде беше обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого бестрашно сведочеше за Христа. Анан, оној истиот којшто претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт.

Тогаш светиот апостол Матиј го изведоа и го убија со камења, а отпосле му ја отсекоа главата со секира – ова беше римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применија врз мртов човек за да претстават пред Римјаните дека убиениот бил и противник римски. Така заврши овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.

Тропар

Апостоле свети Матие, моли Го милостивиот Бог, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Кондак

Твојата проповед, која излезе во целиот свет како светлозарно сонце, со благодатта ја просветлува Црквата, произлезена од незнабошците, чудоносен апостоле Матие. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука