Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети маченик Евпл

Охрид, 24. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат денот посветен на Свети маченик Евпл.

Бил Ѓакон во Катана Сицилиска. Царот Диоклецијан испрати во Сицилија некој војвода Пентагур за да ги уништи христијаните, зашто оние малку што ги имаше се криеја од гонителите и не се објавуваа себеси. Тогаш некој го обвини свети Евпл дека оди со некоја книга кај некои потајни христијани и им ја чита таа книга. Книгата беше Светото Евангелие.

Откако го изведоа на суд, по малку време незнабожците му ја обесија онаа книга на вратот и го одведоа во затвор. По седум дена затвор и гладување беше предаден на мачење. Кога го биеја со железни стапови, Евпл им се потсмеваше, велејќи му на судијата мачител: „Безумнику, нели гледаш дека овие маки заради Божјата помош се како пајажина за мене. Ако можеш пронајди други, потешки, зашто овие ми се како играчка.“

Најпосле Христовиот маченик го изведоа на губилиштето. Тогаш мнозина се обратија во Христовата вера, а светиот Евпл го убија со меч. Во Царството Небесно се пресели во 304 година. Неговите чудотворни мошти лежат во едно село близу Неапол.

Тропар

Словото Божјо во раце носејќи го, во срцето твое се всели, о свети Евпал ѓаконе, темнина во пештера постоеше се’ додека светлината Христова преку тебе во неа не се насели. Господ е вода жива за спасение на родот човечки, о свет мачениче, моли се до Изворот да стигнеме по твоите свети молитви. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука