Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети маченици Аникита и Фотиј

Охрид, 25. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат денот посветен на Светите маченици Аникита и Фотиј.

Царот Диоклецијан еднаш го посети градот Никомидија со зла умисла да ги истреби наполно христијаните. Па кога почна бездушно да ги измачува, пред него застана свети Аникита, кој беше еден од градоначалниците, и смело ја исповеда пред царот својата вера во Господа Исуса Христа, Бог воплотен во тело заради нашето спасение.

При ова, Аникита уште и ги разобличи идолите како глуви и неми камења на кои еден разумен човек е недостојно да им се поклонува. Разјарен, царот нареди и му го отсекоа јазикот. Но, со силата Божја Аникита и натаму говореше. Тогаш на него пуштија лав, но лавот се умилкуваше околу него. Во тој миг падна храмот на Херкул. Фотиј, роднина на Аникита, го виде овој случај и трпењето на Аникита, па го бакна Аникита, се објави себеси за христијанин и му возвикна на царот: „О идолопоклонику, засрами се, твоите богови се ништожници!“ Царот нареди веднаш да го убијат со меч.

Но, кога крена рака на свети Фотиј, џелатот со мечот се удри самиот себеси и умре. По долги маки и двајцата ги фрлија во затвор и лежеа таму три години. Тогаш ги изведоа, усвитија огромна печка и ги фрлија во оган. Мнозина христијани, мажи, жени и деца, своеволно влегоа со нив во огнот. И од огнот се слушна молитвата на христијаните со која Му благодареа на Бога за маченичката смрт.

Сите пострадаа околу 305 година. Светите Аникита и Фотиј се повикуваат во молитвите на маслосвет и водосвет.

Тропар

Радувајте се, свети маченици, верата ваша со благодат ве зали, Аникито и Фотие, вие кои познавте дека нашите страсти се демони глуви и неосетливи, поробувачи човечки, кои Љубовта ја попречуваат да стигне до човечките души, молете се да се разбудиме од сонот телесен и да го предвкусиме животот небесен. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука