Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Меѓународен ден на знаковниот јазик

Охрид, 23. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Меѓународниот ден на знаковниот јазик, кој е единствена можност да се поддржи и заштити јазичниот идентитет и културната разновидност на сите глуви лица и другите корисници на знаковниот јазик.

Според Светската федерација на глуви, во светот има повеќе од 70 милиони глуви луѓе од кои 80% живеат во земјите во развој. Збирно, тие користат повеќе од 300 различни знаковни јазици. Знаковните јазици се целосно развиени природни јазици, структурно различни од говорните јазици. Постои и меѓународен знаковен јазик, кој го користат глувите лица на меѓународни состаноци и неформално при патување и дружење. Се смета за форма на знаковен јазик кој не е толку сложен како природните знаковни јазици и има ограничен лексикон.

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост ја признава и промовира употребата на знаковните јазици. Тоа јасно покажува дека знаковните јазици се еднакви по статус на говорните јазици и ги обврзува државите членки да го олеснат учењето на знаковниот јазик и да го промовираат јазичниот идентитет на заедницата на глувите.

Обединетите нации кон крајот на 2017 година го прогласија 23-ти септември за Меѓународен ден на знаковниот јазик. Целта е да се подигне свеста за значењето на знаковниот јазик како човеково право на глувите и наглувите лица, со што пристапот до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование, е од витално значење за растот и развојот на глувото лице и ја препознава важноста на зачувување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност.

Во Република Македонија земја се користи македонскиот знаковен јазик, како јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица. Македонската знаковна азбука може да биде изведена со една или со две раце, движења на главата, фацијална експресија, движење на устата и со движење на телото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука