Забава Избор

Маркоски: Проектот „Не кажувај либе добра ноќ“ ќе се промовира во повеќе локали

Охрид, 15. февруари 2016 (ОХРИДПРЕС) – По изведбата на музичкиот проект „Не кажувај либе добра ноќ“ на охридските музичари Петар Маркоски и Даниел Јовески во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, препевот и преработката на бројни македонски изворни песни ќе им бидат достапни на охриѓани и на други локации.

petardanielkoncert

-Дефинитивно ќе започнеме со настапи во повеќе локали, поголеми локали, каде што ќе имаме шанса на поголем број луѓе да им го претставиме проектот и да го пренесеме ова што го работевме. Од друга страна ова го работевме со цел и младите да ги запознаеме со убавата македонска изворна песна. Голем дел од овие песни за прв пат и јас лично ги запеав, моите најблиски мислам, дека за прв пат ме слушаат како пеам ваква музика. Мене ми беше навистина големо уживање, затоа што имавме можност од професионалци да учиме, вели Маркоски.

Што се однесува до селекцијата на песните, Маркоски вели дека се правела долго време, поради фактот што Македонија изобилува со голем број на изворни, староградски и новокомпонирани фолк песни.

petardanielkoncert1

-Ги биравме на некој начин повеќе оние во кои се пее за љубовта, за севдата, како што пеат народните пејачи, и повеќе одбиравме песни кои се од нашиот регион, охридскиот, дополнува Маркоски.

petardanielkoncert2

Во склоп на проектот се песни од непознати автори од народната традиција на Македонија, кои ги пееле и снимиле на носачи на звук бројни македонски доајени на изворната музика. Тука се песните „Дафино вино црвено“, „Што да правам, што да чинам“, „Брала мома капини“, „Елено ќерко“, „Не кажувај либе добра ноќ“, потоа старите песни од охридскиот крај „Ја излези стара мајко“, „Јас сум моме охриѓанче“, „Бог да бие Русе“, „Те видов и се заљубив“. Репертоарот ги содржи и новокомпонираните песни „Не кани ме“ на Миле Кузмановски, „Ако згрешам нека изгорам“ од Пепи Бафтировски, „Бор садила мома Евгенија“ на Наум Бурназ, „Жал за Деспина“ и „Ѕвездо моја“ на Наум Петрески. ..

petardanielkoncert4

Една од најубавите изведби музичарите направија на антологиската „По друм одам“, каде пленува оригиналниот аранжман, варијации на артистичка вокална изведба на Маркоски и племенито пијано соло музицирање на Јовески.

petardanielkoncert3

Концептот на музичкиот проект го дополнуваат рецитаторскиот дел со актерот Ивица Цонев со избор на стихови од повеќе македонски поети, фолк презентација на седенка и шетање по чаршиите и корзото со членовите на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани и Охридските чалгии, музички состав во кој членуваат музичари од Охрид, кои се дел од повеќе бендови, кои ја негуваат староградската музика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука