Забава Избор

Дамјан Пејчиноски дел од новиот проект на Etnosfera – „Дафина“

Охрид, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот гитарски виртуоз Дамјан Пејчиноски, заедно со Џамбо Агушев е дел од новиот проект на групата Etnosfera, песната „Дафина“.

– Огромна чест е да се свири со овие неверојатни музичари, напиша на својот профил на Facebook Дамјан.

– Станува збор за една многу ведра и позитивна музика, која сигурно ќе го одбележи ова лето, а во таа музика покрај нас и покрај нашиот голем пријател Џамбо Агушев, свој многу значаен белег има новиот пријател на Etnosfera, големиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски, порачаа од групата.

Etnosfera е бенд составен од десетина познати музичари од Република Македонија со што македонската традиционална музика и мелос, добија нова, поинаква современа димензија. Станува збор за плод на соработката меѓу македонските музички уметници Благојa Трајковски и Николa Мицевски, како и нивните долгогодишни соработници, реномираните музичари Владимир Крстев, Зоран Костадиновски, Тони Цветаноски, Павле Јаневски, Зоран Ристевски Озо, Зоран Конга Јагоридовски. Идејата на овој музички состав е на оригинален начин да создадат, инструментална и вокално инструментална македонска музика, која ќе ги содржи сите примеси на нашата традиција. Од групата најавуваат и соработка со врвни музичари од земјава и странство, како и комплетен авторски музички материјал. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Etnosfera

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука