Избор Македонија Охрид

ДИК: Од 39 502 спорни гласачи досега се пријавиле 3 553 лица

Охрид/Скопје, 10. август 2016 (ОХРИДПРЕС) – Досега вкупно 3 553 граѓани се пријавиле во Државната изборна комисија.

Од нив Комисијата прифатила 3 371 барања за регулирање на правото на гласање, додека сè уште се разгледуваат барањата на 127 граѓани, а 55 се во фаза на обработка.

Вкупно 39 502 лица се водат како спорни записи во Избирачкиот список. Можноста за пријавување истекува за девет дена, т.е. на 19 август.

Поради кусиот период за пријавување, Државната изборна комисија спроведува и медиумска кампања за информирање на граѓаните да проверат дали се на списокот на спорни гласачи и да се пријават за да можат да гласаат.

ДИК на својата веб-­страница има објавено линк „Провери и пријави се“ преку кој граѓаните можат да пристапат до списокот со спорни гласачи и веднаш до него можат да најдат електронско барање за регулирање на избирачкото право.

На овој линк можат да се најдат и информации колку лица, кои биле на списокот со спорни записи, се пријавиле до ДИК.

По истекот на периодот за пријавување, преку подрачните канцеларии на ДИК и преку интернет граѓаните ќе имаат уште една можност за пријавување за време на јавниот увид пред предвремените парламентарни избори, кои се очекува да се одржат до крајот на 2016 година. (Крај)

извор: sec фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука