Избор Култура

Султански дочек и овации за охридскиот градски хор “Вокс Лихнидос” на фестивал во Маниса, Турција

Охрид, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски хор “Вокс Лихнидос” со импресии и воодушевување се врати од гостувањето во Турција.

Имено, нашиот мешан хор учествуваше на, верувале или не, 477-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал “Manisa Mesir macunu” во Маниса.

HorManisa2

Фестивалот всушност е посветен на тамошниот специјалитет од зачини и билки – маџун. Истиот се состои од 41 намирница, со кој била излечена султанката од тешка болест во време на Султан Сулејман. Од 2012 година познатата Mesir паста се наоѓа на листата заштитено културно богатство на УНЕСКО.

Гостувањето се реализира благодарение на контактите на Јелдез Неби, туристички работник и сопственик на туристичка агенција од Охрид. Ова гостување за мене и за охридските хористи ќе остане запаметено како голем настан и доживување, истакна диригентот Бурим Хидри.

manisa3

– Градскиот хор настапи во последните три фестивалски вечери, првата вечер со сплет од 10 традиционални песни (македонски, турски и една албанска) во инструментална придружба од страна на членовите на хорот. Втората и третата вечер настапивме со хорски акапела песни со фолк елементи. Во сите три фестивалски вечери хорот беше испратен со бурен аплауз и во најдобро светло ја претстави македонската култура. Фестивалот беше организиран на многу високо ниво, а можам да кажам дека бевме царски дочекани каде и да појдевме, потенцира Хидри.

hor manisa

На фестивалот учествувале солисти, хорови, танцови групи, играорни и други изведувачи од над 20 земји (Индија, Литванија, Ерменија, Казакстан, Србија, Албанија, Бугарија и др.).

Хористите тука не застануваат. Веќе продолжија со пробите и се подготвуваат за нови настапи и гостувања, во земјава, но и надвор од неа. Она што е веќе закажано е гостувањето на фестивалот Тетовски хорски одзиви, во месец јуни. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: Вокс Лихнидос

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука