Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Друштвото „Сефиданис“ го промовираше дигиталниот паметен споменик „Хомер“, спој на вештачка интелигенција и виртуелна реалност

Охрид, 10. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ во центарот на Охрид, беше промовиран дигитален паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид.

Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии е дело на проф. д-р Анис Сефиданис и Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид и ни овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Станува збор за најсовремен производ кој е дел од новата Digital Humanities парадигма за новите, „паметни“ градови на иднината.

– Холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град. Иновативниот систем кој е изработен од страна на компанијата „Сефиданис“, што неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот преку уникатниот глас на актерот Стрезо Стаматовски. Снимањето и процесирањето на тродимензионланиот просторен аудио материјал го изработи Сашо Митан, заедно со својот тим на Супер Радио Охрид. За охридските посебности во македонскиот јазик ни помогнаа господата Владо и Филип Ангеличин- Жура. На машинската конструкција која користи електо мотор, лед панели и бројни вмрежени компјутери за процесирње на податоците, несебично работеа двајцата мешински инженери Томе Скендеровски и Џезо Сефиданоски, а на автоматиката работеше магистрантот по роботика Павел Тасков, порача синоќа проф. д-р Сефиданис.

За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури, кои се обработувале со помош на напредни методи на машинска интелигенција за реконструкција на виртуелни карактери.

– Тродимензионалниот модел на виртуелниот карактер до последното влакно го разработуваше магистрантот од Универзитетот во Марибор, охриѓанецот Александар Илиевски, а анимациите преку кој му вдахнавме дух ги изработи студентот од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, Шабан Брзев. Посебните алгоритми за препознавање на македонски говор, вкучувајќи го и охридскиот дијалект, и целокупната платоформа за интеракција ја работеа Дамјан Петковски, Михаил Анѓелески, студенти на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и Петар Мишов, иден студент. Не помала заслуга имаат Магдалена Маркоска која го менаџираше проектот, како и Ајла Бајрамовска заедно со своите соученици од ОУ „Григор Прличев“ кои учествуваа во тестирање и евалуација на споменикот, потенцира Сефиданис, кој додаде дека целата технологија се развивала на Суперкомпјутерот NVIDIA DGX кој се наоѓа екслузивно во лабораториите на Сефиданис.

Проф. д-р Сефиданис за поддршката и помошта се заблагодари и до градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков, кој присуствуваше на настанот и Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

– Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место, порача градоначалникот Пецаков.

Паметниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, на самиот влез од стариот дел на градот.

Проф. д-р Анис Сефиданис предава на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Тој е автор на четири книги од областа на IT, меѓу кои „Препознавање на облици со помош на вештачка интелигенција“ и основач на Центарот за вештачка интелигенција кој во нашата држава го донесе првиот Суперкомпјутер на компанијата NVIDIA. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука