Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Казината и обложувалниците ќе треба да бидат на минимум 500 метри оддалеченост од училиштата

Скопје, 8. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата го утврди Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Ова законско решение дојде на предлог на Министерството за финансии и предвидува оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа.

– Со цел заштита на младата популација измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум, соопштија од Владата.

Додаваат дека меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа, а се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

На ова денеска со отворено писмо реагираа од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС). Велат Владата со вчерашната одлука го отпочна процесот на затворање на игрите на среќа во Македонија. Предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри Владата ќе се обиде да ги турка во Собрание на брза лента со европско знаме. Во превод, со европско знаме, по скратена постапка ќе им ја укине работата на 10 000 луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра на годишно ниво. Сето ова во услови на невидена економска криза, најголема после Втората светска војна, велат од Асоцијацијата.

Писмото го пренесуваме во целост.

Предлогот за дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа е многу тешко изводлив на терен. Согласно постоечката урбанизација, дистанцирање на одреден објект на 500 метри од едно училиште, ќе го приближи истиот објект на помалку од 500 метри до друго училиште. Затоа, одговорно тврдиме дека предложената дистанца од 500 метри во својата суштина значи дека Владата всушност предлага целосно затворање на оваа економска гранка.
Ќе се затвори 100% законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци.
Апсурдно е Владата да им става европско знаме на предложените измени, а истовремено да не ги следи актуелните процеси во Европа. На 29 јануари, 72% од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање против ја отфрлија иницијативата за затворање на казината во Кнежевството. Еве не треба да се гледа дури до Лихтенштајн, доволно е

Владата да погледне во соседството. Во октомври лани, албанската Влада соопшти дека после четиригодишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе ѝ помогне на албанската економија.

И во Грција беа забранети на игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу 3 000 до 5 000 Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 000 апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата.

Владата треба да се соочи со фактите и уште сега да се подготви за одговорност за штетните последици од погрешните одлуки. Процесите во Албанија, Лихтенштајн и во Грција ги рушат аргументите на критичарите на игрите на среќа во Македонија. Европјаните не ја прифаќаат тезата дека потенцијалната зависност од игрите на среќа се решава со нивно затворање, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците за алкохолни пијалаци.

Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 000 до 100 000 работни места во земјата и ред е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години на ист начин како и другите странски инвеститори.

На 16 ноември 2022 со писмени барања адресирани до Владата и до Министерството за финансии побаравме нашите правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени со цел нашето искуство да биде искористено за изработка на одржливо законско решение. За жал никој не ја побара нашата експертиза и знаење.

Апелираме до сите пратеници, без разлика на нивната политичката и етничка припадност пред да се изјаснуваат за предложените измени да си го постават следното прашање: Зошто Македонија која тежнее да стане дел од ЕУ би била исклучок од европските земји и западните цивилизации каде има организирани и легални игри на среќа?

Не потпаѓајте под влијание на црната кампања на оние критичари на игрите на среќа кои никогаш не кажаа зад чии бизнис интереси се кријат! Тие никогаш нема да преземат одговорност за штетните последици кои ќе следат доколку овие законски измени стапат на сила. Вешто прават притисок врз политичките партии и суптилно се обидуваат да ги инволвираат и верските заедници. Ова е недозволиво и претставува злоупотреба на верските чувства на граѓаните за оцрнување на секој кој има допирна точка со игрите на среќа.

Бидете уверени дека постоечката регулатива во Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми.

Конечно, ние имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени и огромните инвестиции кои ги имаме направено во Македонија. Ќе се бориме до крај против неправдата со сите демократски средства. Кога надлежните институции не сакаат да ги слушнат нашите аргументи ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести. Пред целата јавност ќе покажеме дека и во оваа економска гранка работат луѓе од крв и месо, родители на малолетни деца кои чесно си ги заработуваат платите и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука