Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Жените земјоделки ќе добијат платено отсуство за мајчинство

Скопје, 8. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата ја донесе Програмата за обезбедување социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За прв пат досега, со оваа Програма се решава правото на користење на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, кое право не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на вршителките на земјоделска дејност.

Предвидена е мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените кои имаат статус на осигуреник индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето.

Оваа Програма е предложена како времено решение, со цел излегување во пресрет на жените земјоделки, до усогласување системско решение на кое што веќе се работи.

Владата ја донесе и Програмата за финансирање микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалоци за 2023 година.

Со Програмата ќе се реализираат активности за поддршка на субјекти коишто се регистрирани како производители на вино и субјекти коишто се регистрирани како земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци или субјекти кои се регистрирани како мали дестилерии. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука