ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Здружението „Тајните на моето СРЦЕ“, „Тамаро“ и Супер радио со дружба и забава го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби

Охрид, 3. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Здружението „Тајните на моето СРЦЕ“, „Тамаро“ и Супер радио, со дружба со најмладите, вечерва во игротеката „Смајли“ во Охрид го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

– Денешниот ден, 3-ти декември за многумина само обичен ден, но ние сакаме да го свртиме вниманието на едни наши посебни пријатели. Посебни се затоа што заслужуваат да бидат видени, слушнат, да се сврти вниманието на институциите на нивните проблеми, потреби и на проблемите со кои се сретнуваат тие и нивните семејства. Денес се одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Овој ден не е доволен, но нека биде добар почеток. Здружението „Тајните на моето СРЦЕ“, заедно со Тамаро маркетите и Супер радио денес ќе направат еден мал чекор за да станат нашите пријатели уште погласни и повидливи. Најмногу што тие бараат е еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството. Терминот посебни потреби може да означува многу разни состојби: од мали потешкотии во учењето, изразени интелектуални потешкотии, психијатриски нарушувања, хронични болести итн. Лицата со посебни потреби претставуваат една ранлива група, која се наоѓа сè уште на маргините на општеството. Тие се соочени често пати со проблемот на изолација во средината во која живеат. Покрај неповолните општествено-економски односи на лицата со посебни потреби им е неопходна потребата од општествена заштита во сите сфери на општествениот живот: здравството, образованието, работните односи и други дејности, порачаа организаторите.

Тимот на „Тамаро“ и Александра и Жанко како дел од Супер радио, внесоа многу насмевки и поминаа прекрасни мигови со нашите нови пријатели.

Според податоците на Светска здравствена организација(СЗО), повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Ова одговара на околу 15% од светската популација. Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200.000 жители се лица со инвалидитет. Здравствената и социјална заштита на лицата со посебни потреби има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини. За жал, лицата со посебни потреби во државава и денеска се соочуваат со голем број предрасуди, маргинализација и дискриминација.

Иако на лицата со инвалидност им припаѓаат сите права коишто се загарантирани со универзалните документи усвоени под закрилата на ООН, тие се уште се среќаваат со голем број на препреки во нивното остварување. Затоа потребно е сите заедно да се обединиме и на било кој начин да им помогнеме на лицата со посебни потреби за достојно и квалитетно да уживаат во животот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука