Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Почнува третото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“

Струга, 27. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес од 18:00 часот во Струга почнува третото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“ и ќе трае до 29-ти декември.

Годинашното мото е „Погледни под површината“, а ќе се случува во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Тимот на Drim Short напорно работеше да го задржи континуитетот, за фестивалот да стане традиција и во последниот декемвриски викенд да ви ги згрее срцата со над 40 различни кратки приказни од светот, велат организаторите.

– Годинава имаме многу новитети кои со сигурност ќе им се допаднат на филмофилите, филмаџиите, студентите на филмските школи, за кои допрва ќе чуете. Првата новост на фестивалот е тоа што за првпат националната, студентската и интернационалната категорија ќе имаат натпреварувачки карактер. Регионалната програма прераснува во интернационална, а селекцијата ќе ја прави нашиот драг соработник и селектор Иван Бакрач. Филмската програма ја заокружуваме со гостинска програма од реномираниот фествал на кратки филмови Interfilm од Берлин, додаваат организаторите.

Предвидени се и отворени мастер клас сеанси на теми кои сигурно ќе ги заинтересираат младите филмаџии, како и разговори со познати актуелни имиња од филмската уметност, кои пред публиката ќе ги пренесат своите искуства и ќе ги споделат импресиите од неодамнешните успеси. Како неозбежен дел и овојпат ќе има богата офф програма.(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука