ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Поднесена петицијата за спас, бараме кризна состојба и за Преспанското Езеро

Охрид, 3. декември 2020 (ОХРИДПРЕС) – На 27-ми ноември до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање е поднесена петицијата: Барање за преземање итни мерки за спас на Преспанско Езеро, информираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.

Биле собрани 5.522 потписи во периодот од 25-ти септември до 25-ти ноември, а петицијата била поддржана од 31 граѓанска организација.

– Во прилог кон потписите беше доставен допис во кој се осврнавме на активностите за кои дознаваме преку соопштенијата на МЖСПП, како и дописот кој министерството го испрати до нас на 28-ми септември. Од тогаш, па до денес забележуваме напредок во однос на експертската група која работи на изготвување на акциски план. Но, нема никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 1 октомври, 2020 г.
Особено укажавме дека Министерство за животна средина и просторно планирање избира со јавноста да комуницира само преку оскудни и спорадични Фејсбук соопштенија. Изминаа 9 месеци откако „Надлежните институции (се собраа) на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското Езеро“ (соопштение МЖСПП, 3.3 2020). Наместо тоа, состаноците станаа лајтмотив на „борбата“ за спас на Преспанско Езеро и јавноста сè уште има впечаток дека одлучни мерки не се преземени, пишуваат од Охрид SOS.
Велат дека и натаму стојат на барањето на веб-страницата на министерството да посветат посебна страница на Преспанско Езеро, со сите поврзани документи, тајмлајн, каде секој, во секое време ќе може да се информира за состојбата, најновите сознанија, мерките, што точно се работи и каков е напредокот. Покрај тоа е реафирмира потребата од прогласување кризна состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. Од Охрид SOS додаваат дека очекуваат акциски план кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро.
Петицијата за спас на Преспанското Езеро и понатаму ќе биде отворена со оглед на тоа што сè уште се чекаат активности на терен, додека Преспанско Езеро продолжува да се празни.  Третманот на нашето природно богатство, децениски запоставувано, но непречено искористувано, мора да запре, велат од Охрид SOS. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука