ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Нов протест во Охрид, повторно „НЕ“ за дигитализацијата на учебниците

Охрид, 15. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Откако на 15-ти мај бројни охриѓани излегоа пред зградата на општина Охрид и го искажаа своето несогласување со дигитализацијата на учебниците, за денеска е закажан нов протест.

– Почитувани родители, наставници, ученици и други дека сте директно засегнати од новиот Закон за реформа во образованието. Граѓанска иницијатива „Учебници и настава мора да има“ во соработка со сите родители, наставниците ќе организираат протести во сите градови на 26 мај 2021 година (среда) од 18:00 часот, против Новиот закон за образование. Закон кој е штетен и опасен за психо-физичкото здравје на децата, но исто така и голем товар за наставниците бидејќи усвојувањето на законот со дигитални учебници со отфрлање на класични книги ќе има уште потешко психолошко влијание врз наставниците, бидејќи нема соодветна обука, нема еволуција, нема конкретно претставување како би изгледал овој начин на учење во праксата! Имаме време да придонесеме сите заедно и да ги информираме нашите сограѓани на различни начини да излезат на протест масовно! Советите на родители, родителите, директорите, наставниците треба да придонесат Протестот на 26 мај да биде што е можно помасовен за да не дозволиме министерката Царовска да најде алиби и да се изјасни дека тие се мала група што се противи! Протестирајте за доброто на вашите деца, за себе, за нашите деца. Разбудете се, затоа што ако не сториме нешто за себе, никој нема да дојде да ја заврши нашата работа што мора да ја направиме. Стоп за Законот за вкупна дигитализација на учебниците и многуте други деструктивности во образованието, порачаа во повикот на социјалните мрежи.

Според најавите на социјалните мрежи, протестот во Охрид ќе се одржи на Градскиот плоштад со почеток во 18:00 часот.

Протестите се во организација на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, од каде денес напладне ќе поднесат Предлог до Собранието на Република Македонија за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на Референдум за одлучување и директно изјаснување на волјата на граѓаните за предложениот Нацрт Закон за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Согласно автентично толкување на Законот, испочитуван е протоколот за поднесување на граѓанска иницијатива и потписите на граѓаните се дадени на образец пред органите на државната управа, односно подрачните одделенија на Државната изборна комисија (ДИК), надлежна за евиденција на избирачкото право, во рамките на работното време. Како потврда за мисијата и целите на Иницијативата, организирани се Граѓански протести во поголемите градови низ Македонија и Граѓански марш и протест во Скопје со почеток во 18:00 часот.

Бројни охриѓани го поддржаа протест, кажаа „НЕ“ за дигитализацијата на учебниците

Минатата недела Собранието не ја прифати иницијативата за бидејќи потписите не биле собрани согласно законот за референдум. Потоа, за само три часа родителите ги собраа потребните 100 иницијални потписи за покренување референдум на државно ниво за образовните реформи. Се собираа во подрачните единици на Државната изборна комисија во Битола и во скопски Центар.

Од Министерството за образование и наука (МОН) излегоа со став дека е апсурдно да се блокира осовременување на образованието преку дигитализација на учебниците. Министерската Мила Царовска не се откажува од реформите во образованието и тврди дека образовните политики на МОН имаат голема поддршка.

– За да имаме квалитетно образование потребни се добри, квалитетни и современи наставни програми, обучен и квалитетен наставен кадар и инвестиција во инфраструктура и опрема во училиштата и на сето ова интензивно и посветено работиме. Може да се види дека најголем дел од општините интензивно инвестираат во нова дидактика, во нови материјали – табли, таблети, компјутери како и во нови наставни материјали коишто им се потребни за да имаме современо образование, рече министерката, додавајќи дека нема силна држава без квалитетното образование. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука