Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Свечено отворен културно-информативниот центар на Балканските Египќани – Клубот на Египќаните во Охрид

Охрид, 28. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридските Египќани добија културно-информативен центар – Клуб на Египќаните во Охрид каде ќе се промовира нивниот идентитет, културата, културното наследство, фолклорот, а туристите и сите заинтересирани место каде можат да се разменуваат информации и искуства.

Логистичката поддршка за отварањето на овој Клуб на Египќаните, ја овозможи општина Охрид.

– Заедницата на Египќаните е важен дел од мултикултурната разноликост на нашиот Охрид и дава значаен придонес во сите сфери на општественото живеење. Чест ми е што сум дел од свеченоста за отворање на „Културно информативниот центар” кој ќе придонесе за зачувување на традиционалните вредности и ќе овозможи креирање на нови можности за напредок на припадниците на оваа заедница. Преку заедничка соработка создаваме услови за подобар живот и еднакви права за сите граѓани. Со обезбедување на простории за работа, Општина Охрид континуирано дава поддршка на голем број здруженија и невладини организации, истакна на отворањето градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески.

Според проф. д-р Рубин Земон, етнолог, доскорешен пратеник во Собранието на Република Македонија и припадник на заедницата на Египќаните, секогаш кога доаѓаат тука туристи и од дијаспората прашуваат каде можат да се сретнат со Египќаните од Охрид, и каде можат да се запознаат со културата, традицијата и богатиот фолклор. Токму поради тоа ова претставува еден историски момент.

Во име на здружението на египѓани „Пирамида ЗЕМ“ од Охрид пред присутните се обрати Орхан Демироски, млад активист. Демироски истакна дека Клубот на Египќаните во Охрид, е плод на една макотрпна повеќегодишна работа која може да се нарече и борба на Египќаните за своја афирмација и етаблирање во градот Охрид и Македонија.

– Нашата етничка заедница, иако втора по бројност во Охрид, со децении не можеше да го заземе своето место во животот на градот во секоја смисла на зборот, од колтурно, еконосмки до политички смисол на зборот. Реалноста во минатото беше таква и колку тоа да звучи не пријатно, не достоинствено или едноставено кажано не фер, ние Египќаните бевме на маргините на општеството, а за нашите интереси требеше да се залагаат некои други. Како што минуваа годините, така дојдоа на сцена нови генерации и од нашата заедница, па полека почна еден процес на афирмирање ,осветстување и етаблирање на Египќаните во јавниот и политичкиот живот на Охрид, па со макотрпно и пред се би рекол мудро и паметно работење денес сме дел од градскиот и републичкиот политички живот. Денес ние Египќаните имаме свој претставник во Советот на општина Охрид каде не претставува Бесим Демиров, но можеби уште поважно е што имавме и пратеник во Собранието, каде професорот Рубин Земон беше прв Египќанец дел од највисокиот законодавен дом на државата, истакна Демироски и додаде:

– Пред нецела деценија кога почна со свои активности здружението „Пирамида ЗЕМ“ и кога ние се собравме и почнавме да работиме со Арбен Демироски Бено, некои луѓе на нас гледаа како на деца кои се собрале па нешто сакале да прават. И веројатно така и беше, ние навистина тогаш на некој начин бевме деца, но децата пораснаа, а еден по еден, трпеливо, со работа и многу размислување почнавме да ги остваруваме сите соништа поврзани со Египќаните и нивната положба во општеството. Отворањето на овој клуб на египѓаните е само логична последица на се што направивме до сега и не е крај, туку е почеток на една нова фаза во нашата активност. Новото време бара нови начини на работа, новите предизвици бараат нови решенија, нов пристап, нов однос кон проблемите и нов начин на дејствување. Новото време е пред нас, а останува да бидеме мотивирани и собрани под еден покрив за после 10 години да зборуваме за работи кои денес не можеме да ги замислиме, а тогаш да бидат реалност, истакна Демироски.

Во име Агенцијата за остварување на правата на заедниците кратко се обрати заменик директорот, Џелал Хоџиќ.

– Кога го гледам овој ентизијазам, немам сомнеж дека во ова катче ќе креирате многу важни политики, кои ќе бидат првенствено важни за Египќаните во Охрид, но и за градот. Би сакал овој ентузијазам да го пренесете на републичко и државно ниво, но и ве охрабрувам дека во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, да гледате партнер за сите ваши проблеми, но сакам да ве упатам и да соработувате со меѓународните организации и со останатите етнички заедници, истакна Хоџиќ.

Инаку оваа година се одбележуваат 31. година од кога на 24-ти јуни 1990 година, во Охрид се одржа Оснивачкото Собрание на првата општествено-политичка организација на Балканките Египќани, со јасен артикулиран став за заштита на идентитетот и културата на оваа заедница. На вториот Конгрес на Сојузот на Балканските Египќани што се одржа во Струга во декември 2010 година, се усвои одлуката да 24-ти јуни се слави како Ден на Балканските Египќани. Од тогаш се воспстави и праксата да во сите балканските земји, а и во дијаспората деновите до 24-ти до 30-ти јуни се одбележат и со пригодни свечености, како „Седмица на Балканските Египќани“. (Крај)

извор: Охрид1 фото: Охрид1

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука