Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Управниот суд не е убеден дека имотот на Градиште не може да им се врати на пештанци

Скопје/Охрид, 29. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – 36 семејства од охридиското село Пештани повеќе од 20 години се заглавени во процесот на денационализација и не можат да си ги вратат парцелите одземени од државата, на локацијата каде е поставен познатиот автокамп Градиште во близина на Охрид.

Надлежната Комисија за денационализација не им го враќа имотот, со образложение дека на земјиштето е изграден автокамп – што го смета за јавен интерес. Нуди обесштетување. Комисијата за денационализација вели дека цената е пресметана како просечна вредност на земјиштето во периодот кога било одземено. Но, поранешен член на истата комисија тврди дека парцелите може да се вратат на поранешните сопственици. Пештанци во саботата го блокираа автокампот и порачаа – од следниот протест се радикализираат, јави порталот 360 степени.

Минатата недела се одржа рочиште во Управниот суд за барателка на имот во Градиште кој во 1957 година ѝ го конфискувала државата. Атина Милеска од Пештани поднела тужба против решението на Кoмисијата за денационализација која одбива да ѝ ги врати парцелите во Градиште и за возврат ѝ нуди обесштетување по цена од 235 денари за метар квадратен.

– Во овие 20 години ништо немаме постигнато, јас лично имам 3 пресуди во моја корист и пак таа корист за 235 денари, една смешна цена, тоа нигде го нема. Ние барамe да ни се врати или да ни се плати по соодветна цена, како што ние си сакаме. Зошто пак ние да го оставиме на некој да го користи да ги зема тие пари, да ги работи?, прашува Милеска.

Пресудата на Управниот суд стигна за 24 часа. Беше објавена во отсуство на тужителката и тужените.

– Овој судечки совет едногласно ја донесе и ја објавува следната пресуда: Тужбата на тужителот Атина Милеска од Пештани, на Министерство за финансии, Комисија за одлучување по барање за денационализација, се уважува – решението на Министерството за финансии и Комисијата за одлучување по денационализација се поништува и се задолжува тужениот орган во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да донесе нов управен акт, соопшти Судот.

Судечкиот совет образложи на што ја темели пресудата.

– Од сите изведени докази не се стекна сигурност дека тужениот орган, при утврдување на фактичката состојба, во целост утврдил дали предметното земјиште може да биде предмет на реално враќање. Значи тоа е прва, основна и главна интенција на Законот, се што може да се врати да се врати, а доколку не постои можност за враќање, потоа да следува надомест, кажа судијката Весна Јовановска.

Комплетната информација ан 360 степени ОВДЕ.

Со мирен протест кој се одржа кај Градиште, пештанци неодамна побараа правда и доследно применување на Законот за денационализација.

– Бараме Законот за денационализација што го донесе Парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права. Забранет ни е и влез во автокампот од страна на закупците. Ова е камп од отворен вид, ова е влез кој води до нашите имоти, порачаа пештанци под мотото „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“.

Организирани во Здружението на граѓани „Оревче“ со одземени имоти од охридското село Пештани, тие потсетија дека 21 година бараат правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп и се заканија дека ова е последен мирен протест, по што најавија порадикални мерки. (Крај)

извор: 360 степени/ОхридПрес фото: Сдк.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука