Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Филип Рикер во посета на Тирана, утре доаѓа во Охрид

Тирана/Охрид, 30. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер ќе престојува во Тирана, каде треба да се сретне со премиерот Еди Рама и со лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската, Љуљзим Баша.

Веќе утре Рикер ќе допатува во Охрид, каде ќе присуствува на првата меѓународната конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“, што ќе се одржи на 1 и 2 јуни годинава во Охрид и Отешево со учество на околу триста учесници од целиот регион и меѓународната заедница, меѓу кои премиери, претседатели, министри и генерални секретари.

Конференцијата официјално ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници ќе бидат поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција Метју Нимиц, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети, помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, еврокомесарот Јоханес Хан, Федерика Могерини, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа.

На конференцијата, ќе учествуваат и специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, претседателот Стево Пендаровски, како и претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и на Словенија Борут Пахор, премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, на Албанија Еди Рама и други.

Преспа форумот за дијалог е платформа за нашата приказна гласно да зборува во целиот свет, а целта е промоција на демократскиот дијалог низ примерите на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои како што порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не се конечни решенија, туку се рамка за уредување на одредени прашања кои понатаму се прилагодуваат на тековните случувања. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука