Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Царовска: Од 1-ви септември учениците се враќаат во училиштата

Скопје, 30. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Се подготвуваме од 1-ви септември сите ученици да се вратат во училишните клупи под протоколи за заштита од COVID-19, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Министерката потенцираше дека целта на МОН е да обезбеди континуитет на наставата, но и заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. МОН, како што рече, сериозно пристапува и има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести.

– Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио. Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура, рече Царовска.

Доколку епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина. Или, пак, да се примени третата алтернатива, која предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.

Владата на вчерашната седница ги прифати одделните планови за одржување на наставата во основното и средното образование согласно одлуките на МОН со повторно отворање на училиштата во учебната 2021/2022 година. Оваа владина одлука го зема предвид укажувањето на МОН дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците и дека одлуката за повторно отворање на училиштата се направи по претходна општа проценка на ризиците, при што се земаа предвид епидемиолошките фактори, степенот на вакцинација на наставниот кадар, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите. (Крај)

извор: Сител/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука