Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Викендов започнува летното сметање на времето

Скопје, 24. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Претстојниов викенд започнува летното сметање на времето.

Вечерта помеѓу 26-ти и 27-ми март (сабота спрема недела) во 02:00 часот наутро стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред, со што времето во 02:00 ќе се смета како 03:00 часот.

Летно сметање на времето или летно време е договорено правило за пометување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година.

Европската комисија, по јавни консултации и стручни анализи во септември 2018 година, презентираше предлог за ставање крај на сезонските промени на часовникот. За време на јавната дебата во ЕУ, во која учествуваа околу 4,6 милиони граѓани, 84 проценти се заложија за укинување на поместувањето на часовниците двапати годишно, а 16 проценти сакаа да ја задржат оваа практика.

Предлогот на Европската комисија да се запре сезонското поместување на часовникот беше поддржан и од Европскиот парламент во 2019 година, но за предлогот да стапи на сила, тој мора да ја почека одлуката на Европскиот совет, за која сè уште не е јасно кога ќе биде донесена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука