COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Владата денеска ќе одлучува за олабавување на Covid-19 мерките

Скопје, 29. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија, на редовната седница која ќе се одржи денеска се очекува да донесе одлука за олабавување на Covid-19 мерките, пред се’ во однос на препораката за неносење маски за учениците.

– Секоја препорака од Комисијата е добредојдена. Ако тие имаат проценето дека маските за децата во основно не се потребни јас ја прифаќам таа препорака. Секој вторник има седница на Влада. Ако е донесена, ќе треба да се почитува, изјави министерот за образование во Владата на Република Македонија Јетон Шаќири.

Главниот координативен кризен штаб за справување со Covid-19 (ГККШ) на последната седница одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата на Република Македонија да ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во Основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. ГККШ донесе заклучок до Владата на Република Македонија да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар.

На оваа своја седница ГККШ одлучи да ѝ предложи на Владата на Република Македонија да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од Covid-19. На седницата е прифатен и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата на Република Македонија да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од Covid-19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука