COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Координативен кризен штаб: Усвоен предлогот за укинување на обврската за носење маски во Основните училишта

Скопје, 25. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Главниот координативен кризен штаб за справување со Covid-19 (ГККШ) на денешната седница одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата на Република Македонија да ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во Основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска.

За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.

ГККШ донесе заклучок до Владата на Република Македонија да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар.

На оваа своја седница ГККШ одлучи да ѝ предложи на Владата на Република Македонија да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од Covid-19.

На денешната седница е прифатен и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата на Република Македонија да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од Covid-19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука