Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Со фотографски поставки Историскиот архив го одбележува 1-ви април – денот на македонските архиви и архивисти

Охрид, 1. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – По повод 1-ви април, денот на македонските архиви и архивисти, денеска ќе има изложба поврзана со архивот и денот на шегата, како во минатото децат го празнувале овој празник.

Од 11:00 часот во тераса „Аквариус“ ќе има фотографски поставки кои ќе го презентираат славењето на 21-ви март, денот на пролетта и 1-ви април – денот на шегата од страна на дечињата од училиштата и градинките во градот Охрид за временскиот период од 1955 – 1965 година.

May be an image of 7 people and people standing

– На овој начин сакаме да направиме компарација со некогашното дефиле и денешното кога дечињата од градот Охрид се маскирале дочекувајќи ја пролетта или денот на шегата, вели директорот на охридскиот архив, Никола Митровиќ.
За посетителите ќе има и примероци од неговата книга „АРХИВ(ИСТИКА) и примероци од изданието на „Македонски архивист“.

Историскиот Архив во Охрид постои од 1-ви април 1951 година и годинава одбележува 71 година од постоењето. Оваа институција е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје што го опфаќа. Низ годините тука се собираат и складираат документи кои сведочат за личности и настани кои одбележале едно време, а тоа продолжува во континуитет. Најстарите документи кои ги поседува установата датираат од 13-от век.

– Оваа институција е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје, бидејќи денешниот охридски архив опфаќа седум општини. Една од основните дејности на архивот е да пронаоѓа значајни документи кои ќе сведочат за она што се случувало низ историјата. Имаме доста фондови, лични и семејни, во кои се укажува не само дејноста на личноста или семејството туку преку нив може да се согледа начинот на живот во Охрид, вели директорот Митровиќ.

Периодов наназад институцијата особено заживеа, со реализација на бројни проекти. Преземена е архива од значајни личности и настани кои оставиле и оставаат печат во развојот и афирмацијата на Охрид, но и на градовите што ги покрива архивот. Преземена е архивата на Александар Леко Радиќ, мајсторот Наум Малезанов, Гоце Џуклески, професорот Павле Митрески, познатиот кичевски општественик Љубо Стефанов Богески, Струшките вечери на поезијата, Поетска ноќ во Велестово, Видое Видически, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид… Оваа пракса ќе продолжи и во иднина со цел да сведочи за идните поколенија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука