COVID-19 Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Последнава недела за 31% помалку заболени од COVID-19

Скопје, 12. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Последниве три недели сезабележува стабилизирање на бројот на заболени од COVID-19, а во последната недела се забележува значително намалување од 31% на бројот на заболени лица, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Намалување е забележано и во бројот на хоспитализации, реинфекции, починати, но и на оздравени лица. Во периодот од 4-ти до 10-ти април тестирани се вкупно 14.434 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 3,0% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.106 нови позитивни случаи од 33 градови.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години. Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.530 лица, пријавени се 175 реинфекции и 10 смртни случаи во 4 градови.
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 54 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 04-09.04.2022 година, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Велес, Охрид и Гевгелија. Во 3 (5,6%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 51 (94,4%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.

Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 58,0%, односно 53,8% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,5%. Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 1.312, од тоа 97 е прва доза, 161 како втора доза и 1.054 аплицирани како трета доза. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука