Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Денеска и утре се одбележува големиот христијански празник Свети Еразмо Охридски

Охрид, 14. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници од Охрид и пошироката околина, денеска и утре, 14-ти и 15-ти јуни 2022 година ќе го одбележат празникот Свети Еразмо Охридски.

– Почитувани верници, и оваа година на 14-ти и 15-ти јуни свечено го прославуваме големиот христијански празник посветен на нашиот заштитник и Охридски чудотворец – Свети Еразмо. По тој повод Ве покануваме да дојдете во манастирот „Свети Еразмо“ и заедно да ја почуствуваме благодатта и радоста на овој настан, примајќи го благословот на светецот и најголемиот наш чудотворец. Нека ни е напомош празникот Свети Еразмо и за многу години, се гледаме во манастирот, порачуваат организаторите.

Св. Еразмо Охридски

Овој светител, од Бога даруван со чудотворна моќ, е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелисто па така стигнал и во Охрид. Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас, крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој му наредил да му се поклони на бакарниот кип на Зевс и да му принесе жртва. Но, Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан св. Еразмо крстил 20 000 луѓе, но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот, како што многу порано го ослободил св. Петар. Св. Еразмо пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот. Починал во почетокот на IV век.

Во близината на Охрид има пештерска црква посветана на Св. Еразмо Охридски, а во близина на црквата има вода за која се верува дека е лековита, особено на денот на светителот.

Споменот на Св. Еразмо во Македонија се празнувал уште во времето на свети Климент, прифаќајќи го неговиот култ втемелен многу порано. Во текот на 19 век, за време на македонската преродба зографите мошне често кај композицијата на Седмочислениците ја сликаат и фигурата на св. Еразмо заради неговата мисионерска дејност и заслуги во ширењето на христијанството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука