Избор Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Охрид, 14. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска до 18-ти јуни во Охрид ќе се одржува 21. Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, на кој седумдесетина млади уметници од шеснаесет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините виолина, пијано и камерна музика.

Младите музичари од Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Германија, Полска, Австрија, Чешка, Грузија, Италија, Литванија, Шпанија, Турција и Украина ќе настапуваат во црквата „Св. Софија“.

Поради олеснување на ковид-мерките, годинава натпреварот е отворен за публиката во Охрид. Организаторите информираат дека стручната комисија е составена од десет члена – врвни уметници и педагози по виолина и пијано од повеќе европски престижни музички академии, како и од факултетите за музичка уметност од Скопје и Штип. На лауреатот, носител на наградата Гран-при, Општина Охрид му доделува ракотворба филигрански накит, а организаторот на натпреварот – охридски бисери.

Организаторите велат дека посебно значајна е и наградата на Европската асоцојација на музички натпревари (ЕМСИ) која на добитникот му овозможува годишна промоција на веб-страницата, учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови. „Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на ЕМСИ од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји.

– Ова е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во државата, којшто од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници, па така привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од вредните награди: парични награди во износ од 3.000, 2.000 и 1.000 евра за највисокорангираните, награди од здруженијата СОКОМ и СМУМ и од Фондацијата „Зографски“, се наведува во соопштението.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и градоначалникот на Општина Охрид. (Крај)

извор: opserver.mk фото: opserver.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука