Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Охридска промоција на романот „Надеж“ од Ване Николоски (Фото/Видео)

Охрид, 13. јули 2022 (ОХРИДПРЕС) – Пред бројни пријатели, гости, почитувачи на пиишаниот збор во охридската библиотека „Григор Прличев“ беше промовиран романот „Надеж“ од Ване Николоски, наш автор од Австралија, писател и голем вљубеник во природата и својот Охрид.

Целото дејствие во романот се одвива во една вообичаено позната средина, тука околу нас, покрај нас, раскажано преку секојдневно присутните поими на природните и човекови закони и на чин на интерпретација со една целовитост, рече промоторот на романот, Мирко Томоски.

– Адам завршува како вечен талкач по љубовта, но и жртва во вртлогот на условите што му ги нуди животот во домот за деца без родители „Надеж“, трагајќи по љубовта, како опстанок, трагајќи по спротивниот пол, но и по онаа вистинска љубов и почит кон сите луѓе кои имаат било каков контакт со него. Намерно изоставив делови од содржината и самиот крај, односно каква е судбината на главниот лик Адам Џонс- Попов и сите актери во приказната, со надеж доживувањето да биде индивидуално, спонтано, истакна промоторот Томоски.

Елизабета Лазеска- Симоноска била еден од првите читатели на романот, па пред присутните ги сподели своите доживувања и видувања на романот.

– 520 страници од романот, ги гледав и се мислев што ли се крие, сигурно тука се испреплетени многу приказни. Сум добивала подароци и од други писатели, но дел од нивостанувале одредено време на мојата полица, се додека не дојде ден да ги прочитам. Но, за „Надеж“ бев љубопитна ведаш да го прочитам и тоа го сторив. На крај останав без збор, читајќи ги последните страници од моите очи капеа солзи и не можев да замислам како во овој безмилосен свет, сé уште постои човек, каков што е Адам, рече Лазеска Симоноска.

Живееме во време на поместени вредности, време во кое чувствата и емоциите забрзано исчезнуваат. Нé убедуваа дека новото време, дигитализацијата и технологијата ќе ни го олеснат животот, но да се замислиме и да се запрашаме дали тоа навистина е така, потенцираше авторот Николоски.

– Во романот „Надеж“ дејството се случува во пред дигиталниот период, кога погледот беше човек во човек, љубовта се случуваше прирдно ненаметнато, пожртвуваноста за блиските беше од срце и доблеста беше главна. Приказната е универзална и тоа можеби се случува насекаде во светот и тоа не е најважно. Најважно е пред сé да си човек со вистинкси вредности,а токму такви беа Адам, чичко Џорџ, Mарија, Ребека, Клара и сите други. Женските карактери беа инспирирани од мојата сопруга која ја претствува секоја македонска жена, со сите вредности, најдобра мајка, дама и хуманитарец, истакна Николоски.

Романот „Надеж“ излезе од печат во 2019 година, но заради познатите причини со здравствената состојба во светот, се промовира сега. Книгата може да се набави во книжарницата „Просвета“, на почетокот на охридската чаршија, а ја има и во Градската библиотека за сите нивни членови.

Повеќе за Николоски од неодамнешното интервју за Супер радио и OhridPress. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/Be1

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука