Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Продолжува санацијата на улицата „Македонски просветители“, се обележуваат новите паркинг места (Фото)

Охрид, 13. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува санацијата на улицата „Македонски просветители“, а деновиве се обележуваат новите паркинг места на потегот од улицата „Димитар Влахов“ до „Даме Груев“.

Согласно проектот улицата ќе добие комплетно булеварско решение со осветлување, велосипедска патека, пешачки патеки и нови коловозни ленти одвоени со зелен појас.

Ова е само продолжување на активностите за комплетна санација на булеварот „Македонски просветители“ која официјално започна на 21-ви ноември 2021 година.

Реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ се реализира како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта“ имплементиран од Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Според проектната документација, новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти и такси паркингот ќе бидат изведени од гранитни камени коцки со димензии 10/10/10 см, орабени со камени гранитни рабници. Тротоарите ќе бидат изведени од гранитни камени плочи со димензии 33/33/3 см, а на велосипедската лента ќе бидат поставени гранитни камени коцки со димензии 5/5/8 см. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука