Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охридски приказни ТОП ВЕСТИ

Богдан Настески- Герман во „Охридски приказни“: Охрид заслужува понаква приказна, заслужува да биде повеќе од она што е (Видео)

Охрид, 13. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охрид мораше да се справи со  големи предизвици и преку ноќ да се трансформира од високоразвиен индустриски град во град кој ќе егзистира од туризмот, вели Богдан Настески- Герман, кој е дел од „Охридските приказни“, кои во текот на октомври се раскажуваат во охридското „Форт кафе“.

– Јас припаѓам на една генерација, на децата на транзицијата, кога, иако со сите лузни кои ги носиме од тоа време, сепак имавме убаво детство. Сепак, во тоа време, Охрид мораше да се справи со  големи предизвици и преку ноќ да се трансформира од високоразвиен индустриски град, во град кој ќе егзистира од туризмот. Веројатно тоа е причината што на секој агол и на секој ќош секојдневно никнуваа објекти кои ден денес се трн во око. Не може да обвиниме никого за грешките кои се направени, ако воопшто се грешки. Едноставно не успеавме да се справиме со проблемите на транзицијата. Една Кинеска поговорка вели: одам онаму каде што гледам, гледам во иднината и немам време да гледам назад во минатото. Охрид заслужува понаква приказна, заслужува да биде повеќе од она што е. Охрид заслужува да има елитен езерски туризам кој нема да трае само еден месец, туку преку целата година. Мора да се вложиме сите, со широка понуда за туристите да дојдат и да го посетат. Охрид сме ние и Охрид е градска приказна, која треба да му ја понудиме на светот, вели Настески- Герман.

Интервјуто е најава за уште едно уникатното доживување кое ќе се одржи вечерва во „Форт кафе“, со почеток во 19:00 часот.

– По дипломирањето на архитектонски факултет во Скопје, Богдан Настески Герман работи во Скопје како дипломиран инженер архитект. По 20 години се враќа да живее и работи во Охрид за да придонесе Охрид да биде прекрасно и урбано место за живеење. За него Охрид е градот каде е роден, град на неговото детство и средношколските денови и град каде расте неговиот син, информираат од „Форк кафе“.

Со него ќе разговараме каков сакаме и каков може и треба да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид.

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука