ЕКОЛОГИЈА Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Теренска документација, лоцирање и евиденција на преостанатите појаси на трска на територијата на Општина Охрид

Охрид, 3. ноември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина – Регионален зелен центар Охрид, во периодот од 15-ти септември до 17-ти октомври 2022 година, спроведе теренска документација, лоцирање и евиденција на појасите на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од селото  Подмоље до Свети Наум, Охрид.

Активноста е една од примарните во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“.

Во истиот период се спроведоа 12 денови теренско истражување. Во 8 од тие денови се спроведоа комбинирани теренски истражувања, од вода со пловен објект и од копно со теренско возило. Останатите 4 денови се спроведоа копнени теренски истражувања. Се изврши лоцирање и евиденција на сите појаси на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од селото Подмоље до Св. Наум, се водеа дневни забелешки за моменталната состојба на секој од појасите (мерење на површината, дали појасите се проширени или намалени и сл.), се прибираше фото и видео материјал се со цел спроведување на идните предвидени активности и изработка на предвидената документација како финален продукт од овој проект. Голем придонест во оваа активност имаа членовите на РЗЦ Охрид, тимот за логистика од два волонтери од партнерската организација ИПО „Крсте Јон“ од Струга и експерт од НУ Хидробиолошки Завод Охрид.

– Како долгогодишен сопственик на пловен објект и поединец засегнат од начинот на управување со трската, ми беше особено мило да придонесам во делот на комбинираните теренски истражувања. Вакви иницијативи сметам дека се од голема важност и треба почесто да се превземаат бидејќи на тој начин може да се пристапи кон навремено и правилно управување со ова наше природно наследство кое е од огромно значење за езерото, изјави Трајче Каневчев.

Целта на овие теренски истражувања беше ажурирање на постоечките податоци од 2011 година за појасите на трска во Охридското Езеро на територија на Општина Охрид. Тоа е првиот чекор кон креирање на извештајот за моментална состојба на појасите на трска и предлог-иницијативата за промена на степенот на законска заштита, кои пак, се основата за понатамошна разработка на план за управување со ваков тип на природно наследство. Исто така, во текот на овој еден месец се прибираше фото и видео материјал кој послужи за изработка на продукти од едукативно- информативен карактер кои ќе бидат достапни за пошироката јавност.

Проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро” на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина Регионален зелен центар Охрид, се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Во текот на еден месец, се снимаа и постпродукциски се обработуваа 8 кратки видеа со просечно времетрање од 02:30 минути. Со снимањето опфатени се сите 8 подрачја со трска од селото Подмоље до Св. Наум Охридски (на територија на Општина Охрид). Прибирањето на фото и видео материјалите се направија со помош на дрон и GoPro камера. Во видеата се вметнати и податоци од едукативно-информативен карактер. Изработените видеа како краен продукт се пласирани на YouTube каналот на РЗЦ Охрид и може да се погледнат на следните линкови:

Целта на оваа активност е промоција на природното наследство и подигнување на јавната свест за значењето и потребата од правилно управување со трската во Охридското Езеро. Од аспект на едукативен карактер, видеата ќе служат како помагало во образовниот процес во основните училишта, со цел учениците да развијат поголема свест за животната средина и конкретно за трската, а од аспект на информативен карактер, ќе служат да ја доловат на јавноста реалната состојбата во која што се наоѓа трската како и потребата од превземање соодветни мерки. Во поглед на идни планови, по завршување на имплементацијата на проектот, планирано е ваквиот тип на пласирани продукти да се прикажува во сите основни училишта во Општина Охрид. Во однос на активности кои следат во рамки на проектот, во месец ноември планирано е да се одржат работилници- позитивни и негативни страни од управувањето со трската, на кои ќе бидат поканети сите засегнати страни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука