ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бернскиот комитет испрати уште еден жолт картон за Македонија и негрижата за Охридското Езеро

Скопје/Охрид, 11. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Комитетот на Бернската конвенција во Советот на Европа упати апел до Мaкедонија да ги прекине сите проекти и активности околу Охридското Езеро кои се спротивни на одредбите на УНЕСКО. Министерот за животна средина, Насер Нуредини, вели дека лично побарал во Македонија да дојдат од Бернскиот комитет и УНЕСКО за да излезат на терен и да ја видат состојбата, по што би донеле одлука за проблематиката.

Во интервју за Радио слободна Европа Нуредини рече дека ќе се обидат да седнат на маса и со градоначалниците на Охрид и Струга и да изготват долгорочен план за дивоградбите, јави порталот мкд.мк.

– Да се одложи усвојувањето на клучните документи сѐ до усвојување на препораките од УНЕСКО, да прекинат сите процедури за натамошен урбанизам и други градежни активности во и покрај заштитените подрачја вклучително и административните постапки за истите како и сите постапки за легализација на дивоградби, бараат од Бернскиот комитет.

Според екологистите, ова е уште еден жолт картон за земјава од меѓународните институции. Таквите документи испратени од Советот на Европа се почетна мерка која треба да ги освести институциите и субјектите кои работат на заштита на природното и културното наследство.

– Комитетот ја повика државата да ги стопира сите тековни проекти и активности кои се спротивни на одредбите во Бернската конвенција; додека не се оствари мисијата да го одложи усвојувањето на клучните документи; сè до усвојување на препораките од мисијата на терен да ги стопира сите постапки за понатамошна урбанизација и други градежни зафати на и во близина на подрачјата  (вклучувајќи ги и административните процедури за истите), како и сите постапки за легализација на дивоградбите на овие територии, велат од Фронт 21/42.

Македонија и Албанија треба да изготват заеднички план за заштита на регионот според препораките на УНЕСКО.

Екологистите предупредуваат дека ништо не е направено за Охрид да не биде на листата на загрозени подрачја затоа што продолжува неконтролираната урбанизација, дивоградбите не се отстранети и не се води грижа за заштита на Охридското Езеро. (Крај)

извор: мкд.мк фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука