Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Изложба и проекција на циклус шпански филмови во Охрид

Охрид, 15. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Како резултат на културната соработка помеѓу Општина Охрид и Амбасадата на Шпанија во Република Македонија, во Охрид ќе се одржи изложба и проекција на циклус шпански филмови.

Изложбата „Пикасо можеби јас“ од македонскиот уметник Филип Фидановски ќе биде отворена во вторник, на 20-ти декември 2022 година, со почеток во 18:00 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“. Изложбата се организира по повод 140 годишнината од раѓањето на познатиот светски уметник Пабло Пикасо.

Истата вечер со почеток во 19:00 часот во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе започне „Недела на шпански филм“ која ќе трае до четврток, 22-ри декември 2022 година. Ќе бидат прикажани три филмови од шпанска продукција, филмот „Шампиони“ од режисерот Хавиер Фезер во вторник на 20-ти декември, филмот „Тајната во нивните очи“ од режисерот Хуан Хозе Кампанела во среда и „Лесно е да се живее со очи затворени“ од режисерот Давид Труеба во четврток, на 22-ри декември 2022 година.

Проекциите ќе започуваат во 19:00 часот, а влезот за сите посетители е бесплатен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука