Гледам од контејнерот излегува убаво девојче со потемна боја на кожата и долга виткана коса. Ми личи на ангелот на Ботичели. Излегува од ѓубрето како мала Венера од школката и матната морска пена која ја исфрлил големиот град.

Девојчето и вели на мајката: „Нема…“

Има ли пократок и пострашен збор од тоа вечно „нема“? Тој збор трае предолго.

Мајката вели: „Погледај повторно, уште малку…“ и детето повторно исчезнува во ѓубрето.

Стојам запрепастен од глетката. Имам еден пријател, и самиот сиромашен. Тој никогаш не ги фрла остатоците од лебот во ѓубре. Ги става во пластична кеса и ги остава покрај контејнерот. Лебот волшебно исчезнува, веднаш штом се врати во домот. Гладта има четири очи.

Гладни со векови, купуваме повеќе леб од што ни е потребно. А, потоа го фрламе. Леб фрлен во ѓубрето не е убава глетка. Тој насетува на зло и по правило злото доаѓа.

Нашите стари не учеа да го кренеме парчето леб кое паднало на земјата, да дувнеме во него, да го бакнеме и да се прекрстиме. Еднаш ја видов принцезата Елисавета како крева парче леб кое и падна, го бакнува и се крсти. Тоа е добар, но заборавен обичај, полн со почитување кон парчето леб.

Старите белградски трговци, прогласени по војната за капиталисти, зад себе оставаа големи дела. Денес има многу побогати од нив, но повторно, никој ништо не остава. Се стиснале и молчат.

Нашите луѓе кои успеале во светот – банкари, индустријалци… никој не се сети да му подари на својот град барем една чешма, јавна зграда, скулптура, стипендија, топол оброк за сиромашните… На кого ќе му го остават сето тоа што го имаат? На своите деца? Се знае – секогаш постои генерација која создава и генерација која троши. Никој ништо нема да однесе на оној свет, кога ќе дојде време за тоа.

sebap1Изгубени се сите вери, освен религијата на создавање матријални добра.

Колку и да краделе и експлоатирале, старите трговци, некогашните контроверзни бизнисмени, сепак сето тоа го оставале на општеството, за барем некако да ја искупат својата грешна душа. Што правиме ние? Што ќе оставиме ние? Можеби треба да се почне од нешто мало, скоро неважно. Светот не се поправа со големи гестови, туку со ситници. Можеби за почеток, треба да го оставаме стариот леб во чиста кеса покрај контејнерот: Чевли кои уште можат да се носат, облека… Како е времето, такви се и добрите дела кои ги оставаме зад нас. Тоа некогаш се викало себап.

Што е себап? Тоа е кога правиш добро дело, а остануваш непознат. Нечија благодарност само би го нахранила нашето его. Постари луѓе – господа во громби-капути, ги обиколуваат пазарите и собираат лисја зелка, по некој компир, заборавен морков, два листа зелена салата… Ги превртуваат контејнерите и извлекуваат весници и недопушени цигари!

Тогаш се сетив и на прекрасната мисла на отец Митрофан: „Наше е само оно што ќе им го подариме на другите.“

А од ѓубрето повторно излегува девојчето со блескави очи и и` вели на мајката: „Нема!“ И покрај се`, убава и насмеана, таа како да е заштитен знак за надежта. Во тој момент, некому, кој знае поради што, му застанува залакот во грлото.”

momokaporМомо Капор

ЖивоТ

 на OhridPress со најубавите и најинспиративните животни приказни и мудрости.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука