Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охридски приказни ТОП ВЕСТИ

Јовица Каралиевски во „Охридски приказни“: Би сакал да го видам Охрид уреден како на старите разгледници, да биде како цветна градина (Видео)

Охрид, 22. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Целиот свој живот сум го поминал тука, сум основал семејство и понатаму планирам да живеам тука. Охрид ја има својата убавина со векови и секогаш ќе ја има. Пред се’ тука е Охридското Езеро, планината Галичица, црквите кои ги имаме за секој ден од годинната. Охрид е Центар на христијанството, Ерусалим на Балканот… Тоа не е туку така кажано, вели Јовица Каралиевски, кој е дел од „Охридските приказни“, кои и во текот на декември се раскажуваат во охридското „Форт кафе“. 

– На старите фотографии од градот кои често се објавуваат во групи на социјалните мрежи, гледаме едни дотерани и уредени плажи. Тука се комплексот „Славија“, „Горица 3“, „Св. Стефан“ со една феноменална урбанистичка архитектура, како еден своевиден натпревар за убавина. Јас би сакал да го гледам Охрид како таа слика, како една разгледница и цветна градина. Секогаш да се внимава на хигиената во централното градско подрачје каде најмногу доаѓаат туристите, но и во сите останати делови. Охрид мора да се одржува и унапредува и визуелно, секако и во организацијата околу туризмот, понудата, инфраструктурата. Би испратил порака до новите генерации. Би сакал да бидат едуцирани, да вложат во себе, да не се осврнуваат само на местоположбата каде се родиле. Можат да ја примаат оваа убавина, а да работат за некоја голема светска компанија со помош на интернетот и модерната технологија, потенцира Каралиевски, познат охридски продуцент, композитор и текстописец.

Интервјуто е најава за уште едно уникатно доживување кое ќе се одржи вечерва во „Форт кафе“, со почеток во 19:00 часот.

– Привилегија е да се живее во градот кој низ вековите ги добил најубавите епитети. Би сакал Охрид да биде како што го паметам од моето детство, прекрасна цветна разгледница. За тоа каков сакаме и каков може и треба да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид, информираат од „Форт кафе“.

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука