Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Таеквондо клубот „Хва ранг ИТФ“ ја заокружи 2022 година со тројца европски вицешампиони и рекорден број од 163 освоени медали

Охрид, 22. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Годинава, кога се одбележуваат три децении таеквондо ИТФ во Македонија е најуспешна за македонската Таеквондо федерација и за охридскиот клуб „Хва ранг ИТФ“ од Лескоец.

Теквондистите учествуваа на најквалитетните А класа турнири во Србија, Хрватска, БиХ, Бугарија и Албанија, освоија досега рекорден број медали, вкупно 163, како и 9 пехари, а историски успех беше постигнат на Европското првенство во Пореч, Хрватска од каде се вратија со тројца европски вицешампиони.

Првиот човек на клубот и Македонската Таеквондо федерација, Марјанчо Лазаревски повеќе од задоволен од постигнатите резултати годинава, најдобри досега.

Нема достапен опис

– Оваа година може да се пофалам дека е најдобра во историјата на нашиот спорт. Учествувавме на осум меѓународни натпревари, освоени се 47 златни, 46 сребрени, 70 бронзени медали и 9 пехари, од кои 6 за најдобри поединци и 3 за најдобар клуб, од кои едниот е освоен за најдобар клуб прво место на Гран при во Зворник, БиХ. Најголемите успеси ги постигнавме последниве девет години од кога зад нас стои генералниот спонзор „ПН Метал“, за што уште еднаш изразувам огромна благодарност. Натпреварувачката сезона за годинава е завршена. После нова година ни следат подготовки за наредно Европско првенство и се надеваме да се вратиме со злато, истакна Лазаревски.

Нема достапен опис

30-те години таеквондо во Македонија се запишани на околу 300 страници во книгата „Патот до црниот појас“, на која автор е Лазаревски, носител на црн појас петти дан и поранешен светски вицешампион Прага 1996 и е прв пишан документ во Македонија од ваков тип литература.

– Почнавме како ентузијасти, во 1996 имавме можност да учестуваме на првото Светско првенство во Прага и ги донесовме првите титули во самостојна Македонија, а јас бев светски вицешампион и оттогаш почнавме со поголема желба да постигнеме повеќе успеси. Досега имаме учествувано на повеќе Европски и Светски натпреварувања 15-16 вкупно, бројка со која ретко кој може да се пофали. Во овие три децении имаме три медали од Светско (златен, сребрен и бронзен) и 6 од Европско првенство (три сребрени и три бронза), потенцира Лазаревски.

Додаде дека е исклучително горд што во оваа јубилејна година за македонското теквондо имаме тројца европски вицешампиони, Елена Јанеска, Давид Крстески и Христијана Парулеска.

Нема достапен опис

Годинава Јанеска освои 5 златни, исто толку сребрени, 3 бронзени медали и пехар за најдобра јуниорка, Крстески освои 7 златни, 2 сребрени, 2 бронзени медали и еден пехар за најдобар јуниор, додека Парулеска има 9 златни, 1 сребрен, 4 бронзени медали и 2 пехари за најдобра кадетка.

Лазаревски потенцира дека за сите нивни успеси досега немале поддршка од државата, тука била само локалната самоуправа. Но, ова ќе се промени бидејќи, како што најави за брзо ќе бидат официјализирани и примени под капа на Агенцијата за млади и спорт, за што добиле потврда од директорот Наумче Мојсоски.

На синоќешната коктел средба клубот „Хва Ранг ИТФ“ им оддаде признание и на поддржувачите, а благодарница за медиумската поддршка добија и Супер радио и OhridPress.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Плановите за следната година се страндардно, учество на меѓународни А класа турнири за собирање на критериуми и искуство, учество на Европско првенство со поголем број натпреварувачи и уште поголем број освоени медали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука