Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

СДСМ: СРЦ „Билјанини Извори“ во време на ДПМНЕ шест месеци беше оставено без струја заради неплатени долгови

Охрид, 23. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, вчера од говорницата кажа дека во период од четири години поточно во периодот 2017 – 2021, година кога на раководна позиција на ЈП беше Гордана Јованоска, а локалната власт и припаѓаше на СДСМ, не било плаќано ДДВ и дека целиот износ од околу 600.000 евра е долг од тој период, реагираат од ОО на СДСМ на информациите кои вчера ги обелодени Донев.

– Но, за да не се замајува јавноста со паушални искази и невистини, сакаме да ја изложиме следната вистина: Долгот за ДДВ во моментов е во вкупен износ од 34.433.846 денари. Во 2012 година кога ВМРО- ДПМНЕ дојде на локална власт долгот изнесуваше 505.304 денари, а кога си заминаа од власт во 2017 година оставија долг од 14.636.204 денари. Што значи дека во нивно време е направен еден голем дел од долгот. Исто така, искажаното од страна на Донев дека во четирите години кога директор беше Гордана Јованоска не е воопшто плаќано ДДВ не е точно, бидеќи според картиците на УЈП во четири годишниот мандат исплатени се вкупно 13.156.894 денари и уште 4.467.129 денари договор со УЈП за отстапување на побарувања од добавувачи по основа на должник на должник. И не само што е плаќано ДДВ туку плаќани се и други долгови кои ги остави претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не и е непознато на јавноста дека Спортско рекреативниот центар ЈП „Билјанини Извори“ во време на ДПМНЕ шест месеци беше оставено без струја заради неплатени долгови и така Јованоска, како директор во првата година исплати стар долг од 8.900.000 денари. На вработените им беа испалтени три заостанати плати во износ од над 4. 500.000 денари, стои во реакцијата.

Од партијата додаваат дека вработените знаат како им беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ без здравствено и пензиско осигурување кога со месеци не можеа да си направат еден здравствен преглед.

– Кога СДСМ ја превзеде локалната власт, тоа за краток период беше надминато. На истата таа седница, екс директорката Јованоска беше критикувана дека купила возило наместо да плати ДДВ. За фирмата да има добар бонитет треба да си развива и осовременува и не само што купи возило кое сегашниот директор г- дин Андоноски постојано го користи, туку купи и две тракторчиња за косење на стадионите, четири косилци и 6 тримери. Тие што се разбираат во одржувањето на тревнати терени, знаат колкава е нивната важност. Со еден збор направи одлични услови за поквалитетно работење на „Билјанини Извори“. Кога Јованоска беше на таководна позиција во ЈП „Билјанини Извори“ се направија и голем број други зафати и тоа: Во спортската сала реконструиран беше паркетот, беше оспособено комплет осветлувањето на салата, поставен беше разглас и поставени беа висечи кошеви, саниран санитарниот јазол, беше саниран и влезот за Брза помош. На стадионот направена е нова пумпна станица, направен е електронски smart систем за наводнување, беше променета новата ограда околу Градскиот стадион, направена беше толку посакуваната нова трибина, беше променета ограда околу помошното игралише со вештачка трева, направени и покриени мини трибни на истото, а беше променета линија од 150 метри за вода каде што со години имаше дефекти и никој не можеше да ги открие. На паркинзите беше воведен SMS систем за наплата, кој во времето на ДПМНЕ претходно беше мисловна именка. По поразот на локалните избори и по давањето оставка од страна на директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Јованоска остави 9.756.000 денари на сметката во „Халк банка“ и уште 18.282.015 денари побарувања од купувачи (вредности земени од завршна сметка). Па му предлагаме на моменталното раководно лице овие расположливи финансиски средства веднаш да ги пренасочи во УЈП, па на тој начин не ќе има потреба општината да го плаќа долгот за ЈП „Билјанини Извори“. Редно е ВМРО-ДПМНЕ еднаш за секогаш да престане да бара дежурен виновник со цел прикривање на нивната неспособност. Наместо тоа потребно веднаш да си ги засукаат ракавите и темелно да работат, а не како сега со популизам без никакви резултати на терен. Очекувааме дека господинот Сашо Донев доблесно ќе им се извини, не на СДСМ, не на екс-директорката на „Билјанини Извори“, туку на граѓаните затоа што на вчерашната седница искажа ред паушали и невистини, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

Донев: УЈП ја блокира сметката на Општина Охрид, поранешната директорка на ЈП „Билјанини извори“ 4 години не плаќала данок

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука