ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Од Охрид SOS ја потсетуваат Владата на одлуката за санација на нелегалниот насип во Охридското Езеро кај „Далјан“

Охрид, 25. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS потсетуваат на одлуката на Владата на Република Македонија, која на 54-та седница, одржана на 16-ти март 2021 година, го разгледа новиот текст на Информацијата за влијанието на нелегално насипување на земја и шут на брегот на Охридското Езеро во населбата „Далјан“ и за потребата од итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба.

Владата ја усвои Информацијата со следните заклучоци:

1. Се задолжува Министерство за транспорт и врски да организира санација на крајбрежјето и негово враќање во првобитна состојба.

2. Се задолжува Министерство за животна средина и просторно планирање по отстранувањето на земјата и шутот да изврши проценка на состојбата на крајбрежното живеалиште и Охридско Езеро, односно на резултатите од санацијата и враќањето на крајбрежјето во првобитна состојба.

– За жал, до денес, 25-ти декември 2022 година, ништо од ова не е реализирано. Ги повикуваме претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини најитно да ги спроведат задолженијата кои произлегуваат од двете точки а кои се однесуваат на санација на нелегалниот насип во Охридското Езеро. На прес-конференцијата одржана пред два дена, министерката за култура изјави дека „работиме активно и интензивно и сите сме на истата страна дека статусот на Охридскиот Регион треба да остане заштитен и сите посветено ќе работиме да ги следиме законите и да ги отстраниме сите неправилности кои се јавуваат во овој вакуум период“. Еве конкретен пример, една од тие неправилности кои чека да биде отстранета. Да видиме дали посветеноста и заложбите се реални или е само на зборови, реагираат од Охрид SOS. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука