ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Повторно заплена на рибарски мрежи, „крупните риби“ сепак се на копно и понатаму се недофатливи

Охрид, 25. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Рано утрово, пред Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро (Езерската полиција) во каналот „Студенчишта“ беа забележителни бројни запленети мрежи, кои рибокрадците ги поставиле во водите на Охридското Езеро.

Ова доаѓа во време кога веќе пет години не се порибува, нема концесионер и се’ позабележително е девастирањето на живиот свет во езерото, особено рибата, од кои најбарани се пастрмката, белвицата и крапот.

Неодамнешниот празник Св. Никола, кога е ред да се изнесе риба на трпезата, покажа дека пастрмките се’ почесто се со големина на белвици, а белвиците се големи како плашици. Ова секако доколку граѓаните успеат да најдат риба, затоа што овој систем на „има риба-нема риба“, плаќање под рака, „плачење со едно око“ и гледање низ прсти како да продолжува и сите немо го посматраме.

Од другата страна на езерото се врши порибување со помали количини, но она што се вади за потребите на рестораните во Албанија е несразмерно поголемо. Пастрмката таму се служи сосема легално и без никакви правни консеквенци.

Глисерите ги имаме, технологијата ја имаме, неофицијалните информации велат дека одговорните можат за неколку минути да бидат алармирани за секој пловен објект кој влегува во водите на езерото во секое време.

Тогаш, зошто ни се случува ова?

Ако го следиме системот „Follow the money“, јасно е дека станува збор за една одлично организирана структура по цела вертикала и огромна количина на пари кои се вртат од двете страни на границата.

Додека сите заедно не преземеме реални и конкретни чекори и додека нема сериозни санкции за сторителите, ќе не замајуваат со информации дека кај охриѓанец во каналот „Студенчишта“ била пронајдена и одземена рибарска мрежа во должина од 20 метри и 120 парчиња уловена риба плашица.

Некој седнал и ги броел плашиците, додека некои други истиот ден извадиле стотици килограми риба од езерото…

Сите објави на тема „незаконит риболов“ на OhridPress годиниве наназад ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука