Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Трета верзија на Божикната песна „Вечниот Бог”, спотот ќе се снима во Охрид

Скопје/Охрид, 26. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Снимена е  третата верзија на најпопуларната Божикна песна „Вечниот Бог” со Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски и хорот „Златно Славејче“. Режисерот Дејан Пројковски и неговите соработници ќе работат на видео спотот, кој ќе се снима во Охрид.

Во меѓувреме, во 50 градови и населени места во Република Македонија течат подготовките за Бадниковите поворки на радоста, што на 6-ти Јануари ќе чекорат низ улиците на Скопје, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св. Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебрца, Враништа, Ростуше, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево и Бардовци. Во тек се редовни проби, но и работилници, за ниедно дете да не остане без божикна ѕвездичка.

Децата во поворките ги симболизираат ангелите што го најавуваат Христовото Раѓање, а ѕвездичките што радосно ги веат над своите озарени лица се водилка кон местото каде што се раѓа Богомладенецот. Симболично прикажано, кај нас тоа е патот до Божикната пештера во која е претставен целиот настан на Божик.

Во текот на овој подготвителен период, се поставуваат и Божикните пештери и подготвуваат малите божикни концерти што ќе се одржат на плоштадите во поголемите градови во Републиката, како и хуманитарните акции што најдоцна до 5-ти јануари треба да снабдат што повеќе семејства со храна за празниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука