Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Бадниковата пештера поставена на Градскиот плоштад

Охрид, 26. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос е поставена на Градскиот плоштад во Охрид.

По пауза од две години, продожува манифестацијата Бадникови поворки. Целта е да се продолжи оваа стара духовна традиција, за што веќе се одржуваат подготовки кои ќе траат се’ до „Бадниковото навестување за раѓањето на Христос“, на 6-ти јануари 2023 година. Истото ќе биде одбележано со голема поворка низ охридските улици. Ќе учествуваат многу деца кои ќе ја пеат некогашната стара коледарска песна „Вечниот Бог“, која годинава доби нова, трета верзија во изведба на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски и хорот „Златно Славејче“.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Пештерата е широка 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука