Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште

Кочани/Охрид, 26. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, најави премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски.

Заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми тој денеска присуствуваше на настан по повод пуштањето во употреба на делница Крупиште-Кочани на експресниот пат Штип-Кочани.

Ковачевски истакна дека заложбите на Владата за вложување во современа инфраструктура се гледаат и во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година кој изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година.

– Во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра. Регионалното поврзување и соработка е еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна важност за развојот на нашата економија. Очекуваме следната година да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид и веќе во јануари 2024 година да можат граѓаните, сите ние да возиме по тој автопат. Активно продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента на патот Паланка-Деве Баир. Во рамки на овој Коридор, наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово и Коридорот 10Д Прилеп-Битола. Активно ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, Дреново-Фариш, Скопје-Блаце прва фаза, Битола-Меџитилија и други автопатски делници, потенцираше Ковачевски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука