Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

МОН: На 30-ти декември завршува првото, а второто полугодие ќе започне во среда, на 18-ти јануари 2023 година

Скопје/Охрид, 28. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На 30-ти декември ќе заврши првото полугодие од учебната 2022/23 година според која во текот на наставната година во јавните средни училишта во завршната година на образованието се остваруваат најмалку 166 наставни денови, а за сите останати години на образование се остваруваат најмалку 180 наставни денови, информираат од Министерството за образование и наука (МОН) на Република Македонија.

Второто полугодие за сите ученици ќе започне на 18-ти јануари 2023 година, согласно календарот на Бирото за развој на образованието, а ќе заврши на 9-ти јуни 2023 година за учениците во основните училишта.

Исто така второто полугодие за учениците во средните училишта завршува на 9-ти јуни 2023 година, освен за учениците од завршната година од гимназиско образование, стручно образование со четиригодишно и тригодишно траење на образованието, уметничко образование и средно стручно образование за ученици со посебни образовни потреби за кои редовната настава завршува на 18-ти мај 2023 година, по што ќе следи полагањето на завршната матура.

Иако пред учениците е зимскиот одмор, летниот одмор започнува на 10-ти јуни 2023 година и завршува на 31-ви август 2023 година.

Поради зголемениот број на дојави за бомби во средните и основните училишта, учениците пропуштија дел од наставната програма, па поради тоа од МОН уште претходно апелираа до директорите да најдат соодветно решение како да се надополнат испуштените часови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука