Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид останува топ тема во охридската јавност

Охрид, 28. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува изградбата на автопатот Кичево Охрид, која трае скоро полна деценија.

Истата останува топ тема во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе.

Екипа на OhridPress утрово направи обиколка на потегот до селото Требеништа каде се изведуваат градежни работи.

Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски неодамна изјави дека очекува автопатот Кичево-Охрид да се заврши во предвидениот рок до 31-ви декември 2023 година.

– Имаме тим од сите ресори од Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за имотно-правни односи, Правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности и други кои имаат удел во оваа постапка и работат секојдневно на решавање на сите процедури и потешкотии кои се јавија на терен, но прогресот се одвива сега добро, работите течат и нашиот рок што сме го задале за реализација на овој автопат е непроменет, нагласи Бочварски.

Оваа најава на прес конференција во Владата ја потврди и премиерот Димитар Ковачевски.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во далечната 2014 година. Првично требаше да биде готов во 2018 година, за потоа рокот да се помести до јуни 2021 година, па сега до крај на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука