Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Со македонски пасош без визи може да се патува во 125 земји во светот

Лондон, 11. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот пасош е рангиран на 44-то место според индексот на „Хенли Паспорт“ за 2023 година, и со него без визи може да се патува во 125 земји во светот.

Македонија бележи напредок од една позиција во однос на лани кога беше позиционирана на 45 место.

Од земјите во регионот, најдобро рангиран е грчкиот пасош на осмото место и со него може да се патува во 185 земји, а словенечкиот е на 11 позиција (182 земји). По нив следуваат бугарскиот и хрватскиот на 18 (174), српскиот е 38 (136), црногорскиот 45 (124). Пасошот на Босна и Херцеговина е на 49 место (118 земји), на Албанија на 51 (115), а на Косово е рангиран како 101 (41).

На врвот на листата на Хенли Паспорт се јапонскиот, сингапурскиот, јужнокорејскиот, шпанскиот, германскиот, италијанскиот, како и пасошите на скандинавските земји. На дното, пак, се патните исправи на Сирија, Ирак и Авганистан со кои без визи може да се патува во само во двесеттина земји во светот.

Индексот на „Хенли Паспорт“ го споредува безвизниот пристап на 199 различни пасоши со 227 дестинации за патување.

Индексот на „Хенли Паспорт“ е оригинално, авторитативно рангирање на сите пасоши во светот според бројот на дестинации на кои нивните сопственици можат да пристапат без претходна виза. Индексот се заснова на ексклузивни податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) и подобрен од истражувачкиот тим на „Хенли и Партнерс“. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука