Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Гувернерот на Ротари дистриктот 1912 Раде Христовски во посета на Ротари клубот „Охрид“

Охрид, 17. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Гувернерот на Ротари дистриктот 1912, кој го сочинуваат клубовите од Словенија и Македонија, Раде Христовски од Ротари клубот „Битола“, вчера одржа состанок со раководството и членовите на Ротари клубот „Охрид“.

– Чест и задоволство беше да се биде домаќин на Гувернерот Христовски, кој е првиот македонски Гувернер на Ротари дистрикт, нешто што е од особена важност за нашите клубови и претставува потврда и признание за Ротаријанството во Македонија. Гувернерот важи за искреен пријател на Ротари клубот „Охрид“. Посетата е дел од агендата на Гувернерот за посета и присуство на состаноци на Ротари клубовите кои се дел од нашиот дистрикт. На состанокот на клубот стана збор за тековните работи и идните планови и активности во насока на реализација на проекти од важност на заедницата, како и зајакнување на Ротаријанското движење во Македонија, информриаат од Ротари клубот „Охрид“.

Охридскиот клуб важи за еден од првите Ротари клубови во Македонија и претставува важна алка на Ротаријанството како во Македонија, така и пошироко, клуб кој со својата долгогодишна дејност се истакнал со проекти од голема важност за нашата заедница, градот Охрид, околината и државата, притоа соработувајќи со клубови во и надвор од нашата земја на локални и меѓународни проекти кои до ден денес се во директен бенефит особено на нашата локална заедница. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука