Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид подготвен за чествување на празникот Богојавление Водици

Охрид, 17. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одржа координативен состанок на организацискиот одбор за чествување на големиот христијански празник Богојавление Водици, на кој се разгледаа сите организациони детали.

Доколку дозволат временските услови Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од колцето на градското пристаниште. Но доколку дува силен ветар како што најавуваат метеролозите положувањето на крстот ќе биде од бродот „Армада“ кој заедно со бродот „Македонија“ ќе бидат закотвени на пристаниште. Останатите пловни објекти се веќе дислоцирани од тој простор. Во четврток, на 19-ти јануари 2023 година, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 07:00 часот наутро. За црковниот дел на настанот е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, а позади целосната организација на граѓанскиот дел со пропратната програма застанува Општина Охрид.

Капачите кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во градот најдоцна до среда, 18-ти јануари 2023 година, до доцните попладневни часови.

На 19-ти јануари паркирањето во Охрид ќе биде бесплатно, но ќе биде забрането паркирање на возила на улицата „Македонски Просветители“ до плоштадот „Св. Климент Охридски“.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12:00 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ е предвидена забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“. Во организација на Црвен Крст истиот ден, во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев“.

По повод пазникот викендов охридските нуркачи го исчистија дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст, а се спроведоа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро.

Се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, продолжуваат и на 20-ти јануари на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука