ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид се сеќава на своите великани: На денешен ден е роден големиот Григор Прличев

Охрид, 18. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1830 година во Охрид е роден Григор Прличев, еден од најпознатите писатели во македонската литература од 19-от век.

Делата на преродбеникот и литерат, охридскиот и македонски Григор Прличев, зрачат со епохалност, симболичност и енергија која ја воведе македонската литература во едно ново поглавје.

Неговата работа и дело го претставуваат како еден од најпродуктивните македонски писатели од периодот кога Македонија водела силна битка со културната преродба.

Кога имал само 6 месеци починал неговиот татко, така што никогаш не го запознал. Глава на семејството била неговата мајка, која како силна, храбра и пожртвувана жена станала вистинска инспирација за олицетворение на македонската жена во тој период. Подоцна и во своите дела Прличев ја претставува македонската жена како столб помеѓу маките и радоста на македонскиот народ. Неговиот дедо му ја всадил љубовта кон литературата и го научил да чита и пишува. Додека се школувал во основно и средно образование во Охрид и македонските училишта се дружел со стружанецот Димитар Миладинов, со кој заедно ја делеле љубовта кон пишаниот збор и идејата за културна преродба на Македонија. Извесен период бил учител, а подоцна по препорака на неговиот пријател Димитар Миладинов заминал во Атина да студира медицина. Но многу повеќе сакал да пишува за својата родна земја и за надежите за воздигнување на Македонија, за ослободување од стегите на грчката хегемонија. Ги напуштил студиите и продолжил со писателската дејност.

На анонимниот конкурс за поема во Атина ја добива првата награда Ловоровиот венец за поемата „Сердарот“. Истата која оригинално ја напишал на грчки јазик, ја препеал на македонски јазик, а во меѓувреме по дознавањето за трагичната смрт на неговите драги пријатели, браќата Миладиновци веднаш се вратил во Македонија. 1871 година е доста важна година во неговиот живот, кога ја препејува легендарната поема „Илијада“, по што е наречен втор Хомер.

Image result for сердарот

Од неговите познати дела со посебна лирска експресија се истакнуваат поемата „Скендербег“ и „Автобиографијата“, која ја пишува во последните 10-на години од неговиот живот поминати во Солун.

Умира во 1893 година во својот роден град, Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука