Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона

Охрид, 18. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го одбележуваат Денот посветен на Свети свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона.

Кога Диоклецијан објави гонење на христијаните, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа. На оваа закана храбриот епископ одговори:

„Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“.

Многу го биеја, го мачеа со глад и го измачуваа на разни начини. Најпосле, царот повика еден магионичар, Теона, да му напакости на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот. Кога Теона виде дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемта, се заврте кон царот и возвикна:

„И јас сум христијанин и Му се поклонувам на Распнатиот“.

Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година. Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука