Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бугарскиот парламент усвои декларација со остра осуда на насилството над македонските Бугари во Македонија

Софија, 2. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бугарскиот парламент со големо мнозинство усвои декларација со која категорично го осуди насилството врз македонските Бугари во Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со нивните права и безбедност.

Бугарија го осуди говорот на омраза и инсистираше да се спроведува Договорот за пријателство, кој според Софија, властите во Скопје не го почитуваат. Ова е дел од наводите во декларацијата на 48. Народното собрание, што е една од последните одлуки на пратениците пред да се распуштат, усвоена со 184 гласа „за“ и 1 „воздржан“.

Како што известуваат бугарските медиуми една од причините за усвојување на декларацијата е бруталното претепување на македонскиот Бугарин Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. Документот е усвоен само еден ден откако делегација на македонските Бугари беше пречекана во Европската комисија од страна на европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи.

Декларацијата ги обединува предлозите на Десислава Атанасова од ГЕРБ, Андреј Ѓуров од ПП, Костадин Костадинов од Преродба и Елисавета Белобрадова и Стојан Михалев од ДБ.

Се состои од повеќе точки:

Народното собрание категорично ги осудува манифестациите и повиците за насилство врз Бугарите во Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкото злосторство врз Бугаринот Христијан Пендиков и цврсто инсистира на преземање систематски мерки од сите институции за откривање и изведување на сторителите пред лицето на правдата;

Го осудува говорот на омраза против локалните Бугари и Бугарија, како и неговите манифестации во политичката, јавната и медиумската средина. Ги повикува властите и македонските институции да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите облици и манифестации против бугарските граѓани и граѓаните со бугарска самосвест. Изразува целосна подготвеност да обезбеди каква било помош за постигнување на оваа цел, вклучително и заеднички со меѓународните партнери и институции;

Го отфрла континуираното негирање, омаловажување и отфрлање на одговорноста за постоењето на проблем со правата и безбедноста на Бугарите во Македонија;

Приговара за трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година;

Изразува загриженост дека ескалацијата на антибугарската кампања во Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, која им служи на интересите на земјите од трети страни;

Се противи на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Македонија. Овие промени може да ја попречат и предодредат активноста на Заедничката мултидисциплинарна комисија според чл. 8 од Договорот од 2017 година за одредени периоди и лица;

Ги отфрла лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Македонија и ги прифаќа како намерно влевање омраза кон Бугарија и Бугарите;

Нагласува дека заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓани со бугарска самосвест во Македонија, исто така, мора да се гарантира преку целосна употреба на инструментите утврдени во преговарачката рамка одобрена од Европската Унија и со одлуката на 47. Народно собрание од 25 јуни 2022 година;

Ги повикува граѓаните, организациите и институциите во Македонија, кои се вистински посветени на демократските вредности и европскиот пат на земјата, да заземат јасен став и да инсистираат на потребната промена. (Крај)

извор: МИА/мкд.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука